Алчноста е скапа

Како никогаш порано, трката по лично богатство и надмоќ е идеја-водилка на денешното живеење. Под превезот на големиот бизнис, личното претпримеништво, професионализмот или „општото добро“ не се бираат средства да се дојде до што поголем материјален раскош. Но, каде е границата помеѓу желбата за лична благосостојба како врвен човечки дострел и алчноста како еден од седумте смртни гревови?

Во врска со овие две дијаметрално спротивни човечки психолошки состојби би сакал да ви пренесам една анегдота која ја прочитав на социјалните мрежи, а која подоцна открив дека е вистинска случка.

Имено, при грабежот на една банкарска експозитура во градот Гуангџу, НР Кина, двајцата ограбувачи кои патем биле и браќа им свикале на вработените и клиентите кои ја имале несреќата да се најдат во просториите на банката во тој момент: „Ова е грабеж! Веднаш легнувајте сите и не обидувајте се ништо! Запомнете, парите се на државата, но вашите животи се само ваши!“ Сите во банката легнале мирно, па дури и луѓето од обезбедувањето кои биле платени да спречуваат вакви немили настани; длабоко во себе повторувајќи си го она што го кажале ограбувачите – вашите животи се само ваши… Ограбувачите добро ја познавале човечката психологија и ја искористиле СТРАТЕГИЈАТА НА ПРЕНАСОЧУВАЊЕ НА ФОКУСОТ, односно промена на размислувањето на присутните од грабежот на државни пари кои нели се „ничии“ кон сопствениот живот, кој сепак е најскапоцен! На тој начин биле обесхрабрени и оние малку што за момент помислиле дека можат да им се спротивстават.

При легнувањето, една жена (не беше наведено дали сакајќи или случајно) заземала непримерна, провокативна поза по што еден од ограбувачите ја прекорил со зборовите: „Ве молам бидете цивилизирани. Ова е грабеж, а не силување!“ Со тоа покажал високо ниво на ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ. Целосно бил посветен во она што го работи, без да навлегува во други непотребни тривијалности.

Кога се вратиле во својата скривница, помладиот брат кој патем бил високо образуван му рекол на постариот брат кој имал завршено само основно училиште: „Брату, ајде побргу да ги изброиме парите!“ Постариот му одговорил: „Не биди глупав! Ако земеме сега да ги броиме ќе ни треба цела ноќ и ќе изгубиме драгоцено време. До вечер, на телевизија сигурно ќе кажат колку сме лапнале од банката и ќе знаеме без да се мачиме!“ Со тоа покажал дека во секоја работа ИСКУСТВОТО е многу поважно од формалните квалификации.

Откако ограбувачите „се оддалечиле од местото на настанот“, директорот на експозитурата, извесен Ванг Џи му рекол на шефот задолжен за ликвидноста веднаш да ги повика припадниците на Министерството за јавна безбедност, како што во НР Кина се вика полицијата. Но, шефот му предложил нешто друго: „Другар Ванг, што мислите за тоа пред да ги повикам џандарите, да поделиме 10 милиони ренмимби (или јуани како што се познати во светот, а вредноста на 1 јуан е околу 9 денари) од тие што останаа и овие пари да ги пријавиме дека се украдени заедно со оние 70 милиони што ги имаме како загуба во билансот и  20-те милиони што ги украдоа апашиве?“ Директорот ги ококорил очите и нималку не се двоумел. Речено-сторено. Набрзина ги направиле потребните сметководствено-финансиски формалности сметајќи дека на тој начин ќе ги покријат своите „дубари“. Практично, се обиделе да реализираат тактика што се вика ПЛИВАЊЕ НИЗВОДНО, односно свртување на непријатните околности во сопствена полза.

Кога полицијата и осигурителното друштво дошле и изготвиле записник за украдени 100 милиони јуани, двајцата менаџери скоро симултано си помислиле дека би било фино експозитурава да биде ограбувана барем еднаш годишно, а тие дополнително да се збогатуваат. Ваквиот тип на размислување покажува дека кај некои луѓе АЛЧНОСТА НЕМА ГРАНИЦА.

Утредента, Централната кинеска телевизија (CCTV) заедно со останатите медиуми пренеле информација дека од експозитурата на банката во Гуангџу се украдени 100 милиони народни пари.  Овој превисок износ веднаш им станал сомнителен  на браќата па сепак морале да ги пребројат парите. Утврдиле дека „здиплиле“ само околу 20 милиони. Огоречено си рекле: „Го жртвувавме животот за 20 бона, а некој попаметен од нас украде 80 бона без да трепне и да му фали влакно од косата“ – притоа констатирајќи дека ЗНАЕЊЕТО Е ЗЛАТО.

Во исто време директорот, иако требало да биде загрижен давајќи изјава пред камерите незабележливо се смешкал под мустаќ. Бил задоволен затоа што преземајќи само еден ризичен потег ја покрил загубата, но и бил побогат за 5 милиони јуани. Тој ја искористил шансата мислејќи дека РИЗИКОТ НОСИ КАПИТАЛ.

Но, како што тоа најчесто се случува во животот и во филмовите – следува перипетија. За релативно кратко време полицијата ги нашла и привела криминалците кои признале дека украле „само“ 20 милиони. Скоро истовремено, големиот износ на отштетно побарување кое било несразмерно со големината на експозитурата ги привлекло внатрешните ревизори во банката и агентите на осигурителната куќа кои утврдиле дека во моментот на кражбата во неа немало и не можело да има 100 милиони јуани туку само 30. Менаџерите биле уапсени и заедно со крадците биле осудени на доживотна робија со обвинение дека краделе од народот.

Иако сите четворица мислеле дека професионално ја „извршиле“ својата работа (да украдат пари), сепак сфатиле дека АЛЧНОСТА Е СКАПА и се плаќа со сопствениот живот.

Advertisements

Босата

Минатиот четврток во Велес, на 95-годишна возраст почина Јован Босотов – БОСАТА. Дедо ми. За поголемиот дел од читателите тоа е само уште еден згаснат живот на човек во поодминати години, на некој на кого „му дошло редот“ или како што некои кажаа на човек кој „си ја испил чашата“. За нас, неговото семејство тоа е една ненадоместлива загуба на татко, дедо, чичко…Меѓутоа, неговата смрт е и една огромна загуба за неговиот град Велес – интелектуалниот центар на Македонија во кој го помина скоро целиот свој живот.

„Босата со својот еден век живот е симбол на градот исто како и Саатот“ изјави еден негов долгогодишен пријател изразувајќи ни сочувство. „Со смртта на Босата умре и градскиот живот во Велес“ – додаде друг. Последниот „френк терзија“ во градот и еден од последните доскоро живи ослободители на Велес кои со 8-та Велешка ударна бригада триумфално вмарширале во градот доцна попладнето на 9-ти Ноември 1944 година. Босата и Саатот беа нераскинливо поврзани. Не попусто, човекот кој 88 години од својот живот помина во велешката чаршија имаше свои кројачки дуќани токму под и околу Саатот. Секогаш одеше гордо и исправено, небаре се натпреваруваше кој ќе биде поисправен, тој или неговиот пандан.

Босата или мајстор Јован, како што уште беше познат беше голем човек, со огромен дух, нескротлив карактер, неизмерна храброст и бескраен пркос. Знаеше на изворен велешки дијалект на кој е напишан и Манифестот на АСНОМ да каже: „никогаш да не би`еш с`чко и да не се плашиш од ништо и од нико`о“. Имал бурен живот исполнет со секакви контроверзи. За време на ропствата, едните го тепале оти имал „српско“ име, а другите оти имал „бугарско“ презиме. Окупаторите го малтретирале оти бил „комунист-шумкар“, а комунистите оти бил „буржуј“ со свој сопствен дуќан и огромен наследен имот – секако подоцна национализиран. Но никогаш не потклекнал. „Да не си забора`ил кој си, ш`о си и од кај си!“ ќе знаеше да згрми.

Неговите приказни од детството и младоста беа бескрајни:

– „Ко`а бев чирак со другарите се качуевме на Саатот и у трите го курдисуевме да чука к`о за двата за да и`аме уш`е е`ен саат поише да се бањаме на Јаниташ пред да нè викнат мајсторите“ или

– „Тато сакаше да би`ам касап, арно ама ја ги гле`ав предратните каваљери и сакав да би`ам к`о нив, оти месото го `рани телото, ама рубата ја `рани душата.“

За време на Народно-ослободителната борба како интендант за облека при Генералштабот на Народно-ослободителната војска бил задолжен за крој и одржување на униформите на командантите. Пред завршните операции за ослободување на Македонија и воената парада што требало да следи потоа, во Горно Врановци добил наредба да им сошие парадни униформи од најновата и најквалитетна чоја, претходно запленета од германски воз кој бил дигнат во воздух во околината на Богомила. Земајќи му мерка на Ченто, овој му рекол: „Боса, изгледа не си само ти што сакаш да ми ја земеш мерката“.

– „Ја тогај не знаев ш`о сака да каже, ама после тоа видов ш`о е работата“ – си спомнуваше стариот.

Никогаш не излегуваше од дома небричен и недотеран со неговите најпрепознатливи детали: машна, крпче во реверот и паларија.

– „Со лоша мисла и со лоши алишта никогаш да не си испаднал од дома!“ – му беше животна мантра на која секогаш сакаше да нè потсети.

Денес, Босотовското маало, помеѓу Соколаана и Прцорек, на кривината веднаш после Варналиите, спроти Аликара е празно. Секогаш кога ќе го поминам  мостот „Гемиџии“ – мостот кој тој го поминуваше четири пати во денот (два пати на одење и два пати на враќање од дуќан) ќе ја гледам неговата сенка и ќе се потсетувам на детството и на неговата старечка мудрост.

Господ сакаше да нè напушти два дена пред славата на Свети Петар – патронот на кројачите. Кројачот на судбините на луѓето сакаше да си го прибере својот најстар чирак во Велес токму пред Петровден – денот кој Босата не пропушташе да го прослави заедно со своите колеги, занаетчии.

Драги мои велешани! Иако за Вас можеби има мало значење ве молам, секогаш кога ќе ги погледнете пожолтените фотографии или излижаните снимки од ослободувањето или ќе појдете во Музејот на македонската револуционерна борба и ќе ги видите униформите на Апостолски, Ченто, Брашнаров, Глигоров, потсетете се на вашиот сограѓанин чија игла, конец и мирна рака ги има сошиено.

А вие останатите кои неретко ги повикувате духовите на нашите дедовци кога го негирате нашето постоење, дојдете! Јас ќе ви кажам кој и што беше мојот дедо!

Нека ти е вечна слава и лесна македонската земја, дедо!

Почивај во мир!

Александар Самарџиев

Како што сите веќе знаете, вчера низ медиумите проструи вест за убиство во Солун на млад студент – Македонец, Александар Самарџиев од село Треболец, воденско, од страна на припадници на грчката неофашистичка партија со милозвучно име „Златна Зора“. Информацијата беше лиферувана преку социјалните мрежи од страна на неговиот братучед Стилјан Самарџиев од село Крушодари, леринско, а пренесена од страна на претседателот на Светскиот македонски конгрес – Тодор Петров.

Веднаш по објавувањето на веста, почнаа да пристигнуваат контрадикторни известувања, сомневања и деманти од сите страни дека такво убиство воопшто се случило. Она што посебно интригира е фактот дека додека грчките „демократски“ власти сè уште „ја проверуваа информацијата“, некои наши медиуми веќе го прогласија убиството за „наводно“, „непостоечко“, „измислено“ и „лага“.

Се разбира, „независните“ органи на нашиот јужен сосед, откако „најпрофесионално ја проверија информацијата“, „смело и одлучно“ демантираа дека имало убиство на студент (македонската националност на студентот„ разбирливо“ ја изоставија), а грчкото МНР се произнесе дека тоа е „плод на нечија морбидна фантазија“.

Ова за дел од домашните медиуми веќе беше „доволен доказ“ дека немало убиство и почнаа да се однесуваат како во добрите стари советски времиња – ако не јавила „Правда“, значи дека не се случило. Дури се одеше дотаму „наводното убиство“ да се прогласи за сценарио на грчките тајни служби за фрлање дамка врз Македонија пред претстојниот (очекувано позитивен) извештај на Европската Комисија за напредокот на земјава кон ЕУ.

Ниту еден медиум не испрати новинари во Егејска Македонија да го пронајде семејството Самарџиеви, како на Стилјан така и на Алесандар. Ниту еден медиум не се заинтересира зошто ова семејство е на удар на неофашистите, но и на легитимно избраната грчка власт. Ретко кој новинар се интересира за положбата на Македонците во Грција и неможноста да се именуваат и презиваат како што сакаат. Напротив, некои македонски медиуми дури и ден денес ги пишуваат Македонците и топонимите од Егејот, со грчките наместо со нивните вистински македонски имиња.

Да резимирам:

Најмалку е важно дали убиството се случило или не. И во обата случаја, тоа претставува еден крик на Македонецот од југот за неговата неподнослива положба, секојдневно зачинета со закани и шиканирања. Доколку Александар е убиен, тое е една голема загуба за неговото семејство, за македонската нација и за македонштината во целина, за што јас искрено сочувствувам со Самарџиеви.

Доколку не е, информацијата за наводното убиство е еден апел дека ако не денес, нешто лошо ќе се случи во скора иднина, исто како што се случувало и во минатото и дека под итно мора да се преземе нешто денес за да се заштитат нашинците од приморјето од бесните орди на неофашизмот, но и прикриениот грчки наци-шовинизам. А за тоа што се случувало во минатото еве само три сведоштва од очевидци:

„Јас одев прв, а џелатот ме следеше со бајонетот в рака. Низ вратата од собата можев да видам убиени луѓе, и некои уште беа живи и стенкаа. Еден беше без глава. Собата беше полна, а телата лежеа по две или три едно врз друго… Влегов еден чекор во собата, а при другиот тој ме удри во вратот. Потоа го стави стапалото врз мене и ми зададе шест удари со бајонетот, по грбот, зад увото, под десната челуст и грлото. Кога милосрдните сестри потоа ми дадоа млеко, тоа течеше низ последната рана… Во големата соба убивале по тројца или четворица, но во оваа мала соба другите жртви мораа да гледаат додека беа зафатени со мене. Го гледав човекот од Дебар како се бори крај вратата. Тие му ги фатија рацете и го фрлија врз мене… Му го пресекоа вратот и завршија со бодења во грбот…“ Георги Белев од Сер, за масакрот извршен во серското училиште во 1913 година.

„Грците не ги прогонуваат само сите живи Македонци, кои еднаш ги именуваат „бугарогласни“, втор пат „словеногласни“, туку и сите мртви Македонци чии гробишта се наоѓаат во цела Македонија. Тие ниту во гробот не ги оставаат на мир, од крстовите ги бришат натписите на македонски јазик, ги вадат коските од гробовите и ги горат…“ Непознат англиски патеписец во 1928 година.

„Конзулите (италијански б.м.) слегоа од коњите и тргнаа пеш. Пред очите им се појавија првите жртви: кметот на Загоричани и неговата ќерка. И на двајцата телата им беа обезличени. Понатаму лежеа другите убиени, до вечерта двајцата конзули со придружниците ги обиколија сите 62 убиени и 6-те ранети. Меѓу убиените беше и мојот стар татко, поради што конзулите ми искажаа длабоко сочувство. Најпотресителна беше глетката на 17-те убиени изложени во црковниот двор. Тука можеа да се видат трупови на кои очите им беа избодени, градите распорени, рацете и нозете исечени, мозоците распрснати…“ Наум Темчев од Загоричани, за масакрот во Загоричани во 1905 година.

Прочитајте ги овие сведоштва уште еднаш, следниот пат кога ќе се одлучите да „идете на шопинг у Солун“.

 

 

 

Свети Пророк Илија – мостот помеѓу минатото и иднината

Почитувани,

Како што веќе сите знаете, денес го славиме 2-ри Август, денот посветен на Светиот Пророк Илија. Светиот Пророк Илија со својата силна и посветена вера во единствениот Господ Бог претставува мост помеѓу Стариот и Новиот завет, помеѓу евреите и христијаните, помеѓу минатото и иднината. Светиот Пророк Илија живееше во вчерашнината, но ја гледаше утрешнината. Го претскажа доаѓањето на Господ Исус Христос Спасителот и го виде осмиот ден –  денот на спасението.

Но, Светиот Пророк Илија, покрај тоа што е мост помеѓу времињата е и мост за народите. И тоа не за кои било народи, туку само за оние кои се доволно возвишени и достојни да бидат запишани помеѓу истите корици на Светото Писмо заедно со Пророкот и Спасителот – Израелитите и Македонците.

Светиот Пророк Илија, на неговиот ден, во духот на Светото Тројство три пати ни градеше мостови и ние три пати поминувавме преку нив, не гледајќи назад. На неговиот ден три пати ги затворавме темните капии на историјата и ги отворавме светлите порти на новото време. Три пати го истерувавме недостојниот и правевме место за Севишниот во нашите срца.

Првиот мост, Св. Илија ни го изгради на Илинден, 338 година пред нашата ера, несебично давајќи му ги клучевите на огнот и грмотевиците на кралот Филип Втори за да го води својот народ во иднината. Громот статне во Херонеја и ја запали Атина. Храброста ја победи ароганцијата, сложноста ја победи разединетоста, мудроста ја победи гордоста, лојалноста ја победи себичноста, а духовноста – материјализмот. Земјата од која „никој ни роб не би купил“ стана господар на светот. Осамна новиот ден за Македонците. НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА – ПРВАТА ИМПЕРИЈА НА СВЕТОТ. После беа другите…

На Илинден 1903 година, Св. Илија по втор пат ни ја покажа светлоста на векот – слободата. Згрме Громовникот кон тиранот во Крушево и му порача: „Овој народ повеќе нема да биде поробен!“. Карев воскликнува – Смрт или Слобода! Не сме повеќе скриени по шумите, не ја веднеме повеќе главата и не сме повеќе робови. НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА – ПРВАТА РЕПУБЛИКА НА БАЛКАНОТ. После станаа другите…

Илинден 1944 година. Св. Илија ни го гради третиот мост, мост на третата среќа, на идниот ден, на слободата. Брашнаров трепери: „На овој историски ден – ИЛИНДЕН, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава!“. Конечно слободни, спасени и исполнети со љубов и разбирање. НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА. Тоа никогаш не можат да бидат другите…

Илинден е голем ден, за нас Македонците можеби најголем. Токму затоа, на овој ден сите ние поединечно треба да си изградиме свој сопствен мост кон иднината како во душата, така и во срцето. Да размислиме какви сме биле и какви треба да бидеме. Што сме направиле, а што сме можеле да направиме за нас, за нашето семејство, за нашиот народ. Злото нека остане зад нас, а доброто нека ни го прочисти разумот. Достоинствено да кренеме глава како што тоа го направија нашите предци и со Божја помош да го започнеме новиот ден. Тоа е единствен пат до слободата и спасението.

Нека ни е вечен денешниот ден – Свети Пророк Илија, нека ни е вечна Македонија и за многу години, сега секогаш и во вечни векови, Амин!

Mr. Bricolage

Понесен од силните рекламни кампањи и многубројните летоци „до даска“ напикани во поштенското сандаче за огромни попусти од типот „само данас у вашем граду“ на техничка стока во новоотворениот Нептун во Скопје, во саботата, рано, рано се упатив кон салонот. Арно ама некој уште порано се „сетил“ на истото и на местото веќе имаше преку 2.000 луѓе. Останатото веќе го видовте на „тубата“ и на телевизија. Сфатив дека ниту Скопје е Њујорк, ниту Нептун е Apple, ниту стоката е Ipad 3, ниту МВР е NYPD, а богами ниту скопјани не се њујорчани за сè да помине во најдобар ред.

Поаѓајќи од принципот „не сум улав да чекам цел ден за да влезам“, а за да не ми биде џабе патот, скршнав до исто така новоотворениот Г-н Бриколаж (Monsieur Bricolage) колку „да ви’ам ш’о има“. Инаку да се разбереме, од времето кога еден друг “monsieur” Sarkozy рече дека Франција отсекогаш биле е и ќе биде на страната на нашиот јужен сосед во негирањето на нашето име и идентитет, гаам еден тивок отпор кон сè што доаѓа од по течението на Сена, Лоара, Жирона и Рона. Влегов во хангарот, наречен „мултифункционален салон и продавница за сè и сешто“ и за чудо со добредојде ме пречека бугарското знаме. Подоцна разбрав дека продавницата на Mr. Bricolage е отворена под патронство на бугарската фирма ќерка што наводно „му дава за право“ на инвеститорот насекаде да има балони во три бои со апликација на знамето на овој наш источен сосед кој од скоро е „на запад“, а ниту еден единствен балон со апликација на нашето знаме, освен едно што беше ставено на влезот. Продолжив понатаму…

Шетајќи помеѓу штандовите, сегментите и полиците увидов дека во голем дел стоката која се продава е увезена од државата која се наоѓа на двете страни од Стара Планина, а немаше ниту еден, буквално ниту еден македонски производ и што е уште по трагично на производите немаше ниту една (барем јас не забележав) декларација на македонски јазик. За сметка на тоа, на називите на артиклите насекаде фигурираа „македонски“ зборови како: зидни, роба, вишња, храст, сијалици и печатни грешки како „вешКачка“ трева, цвеКе… Нејсе. Ме заинтересира еден артикл и му се обратив на продавачот:

–          Се извинувам имате ли тоа и тоа и колку пари е?

–          Свакако господине имамо у некол’ко боја, какву год желите и кошта…

Сега веќе ништо не ми беше јасно! Француски бренд, бугарска фирма, српски работници…,а се наоѓам во…не знам ни јас каде веќе, мислев во Македонија. И кога во духот на традиционалното македонско трпение и толеранција веќе бев подготвен да преминам и преку тоа, во делот за ѕидни плакати забележав плакат со апликација на картата на светот. Не можев да одолеам. Се приближив да видам и се запрепастив. Ме обзеде неопислива лутина и разочараност. На картата, Македонија беше напишана под акронимот на референцата!!! Тука во нашата сопствена држава!!! Во нејзиниот главен град!!! Веднаш го побарав шефот за да интервенирам, но тој „бил со клиенти“!!! Како јас да не сум клиент. Типичен однос на канцелариска бирократија. Единствено добив одговор од некој третокласен продавач:

–          Е па дечко, тако их добијамо из Бугарске!

Со празни раце и со забрзан чекор се упатив кон излезот. Имав неопислива желба да излезам надвор и да се надишам малку македонски воздух. Тоа бар не „добијамо из Бугарске“!

Па така почитувани мои, убаво да си поминете во Бриколаж. Јас отидов во Тедико Маркет! Барем таму имаат нешто македонско…

Јужната балканска република не се спаси – само го одложи банкротот!

ВЕТУВАМ! Ова ќе биде последната колумна која ќе се занимава со банкротот на јужњациве. После ова што се случи денес, не сакам повеќе да ви додевам ниту вам, а не сакам ниту јас да се нервирам  за начинот на кој „функционираат“ европската економија и политика.

Сепак, познавајќи ја историјата на грчкото економско „работење“ (види колумни „Генеза на грчката должничка криза – прв и втор дел“), исходот од денешниов ден беше очекуван и ретко кој е изненаден. Можеби изненадени се единствено приврзаниците на квазиекономскиот наивизам (демек, еве атињаните конечно се готови) и економскиот рационализам (демек, тие треба да банкротираат како казна за суровото трошење на туѓи пари). За жал, ако очекувавте дека Грција по (не)објавениот de jure, но по реалниот de facto банкрот ќе пропадне, морам да ве разочарам. Грчките мајстори на занаетот по осми пат им покажаа среден прст како на кредиторите, така и на останатите земји и економски субјекти во светот кои се водат според законите на пазарната и рационалната економија.

Еве што се случи денес!

Министерството за финансии на банкротираната соседна држава, на чие чело се наоѓа еден од нејзините најлукави политичари Евангелос Венизелос (Ευάγγελος Βενιζέλος), инаку нам многу добро познат лик како „креатор“ на економското и политичкото ембарго кон Македонија во 1994 г., соопшти дека „…официјална Атина успеала да убеди 85,8% од приватните кредитори (сопственици на грчки државни обрзници, заб. на авт.) да се согласат да учествуваат во договорот за намалување на долгот, неопходен за избегнување на банкротот на државата…“

Но што воопшто претставува овој „договор“? Тоа е специјален закон донесен од парламентот лоциран на плоштадот „Синтагма“, кој им „нуди“ на приватните сопственици на грчки обврзници кои подлежат под грчките закони (странски банки, пензиски фондови, hedge фондови и други правни лица кои работат преку подружници во Грција) да прифатат загуба од 53,5% од овие хартии од вредност, а во замена да добијат нови обврзници во вредност од 46,5% од старите по значително понеповолни услови за отплата. Според законот, доколку „договорот“ не беше прифатен од најмалку 75% од сопствениците на грчки обврзници, никој немаше да добие ништо, бидејќи Грција наводно официјално ќе објавеше банкрот. Откако 85,8% од кредиторите прифатија, за останатите 14,2% кои не го прифатија „договорот“ ќе важи клаузулата за „колективна акција“, односно  и тие исто така ќе повратат само половина од средствата. Овој закон од страна на Грците беше оквалификуван како „најдобра понуда, затоа што е единствена понуда.“ Типичен данајски подарок, зар не?

Или во пракса тоа би изгледало вака. Замислете дека должите кај три лица по 100.000 денари или вкупно 300.000 денари кои треба да ги вратите за една година, но не можете. Станувате „фактор“ во државава (градоначалник, претседател, пратеник, премиер или слично) и си носите „закон“ според кој на доверителите им велите: „Најмногу на двајца од вас ќе им вратам само половина од парите и тоа за 10 години, наместо за една. Доколку не прифатат барем двајца од вас, никому не му враќам ни денар. Доколку барем двајца прифатат и на третиот ќе му вратам половина од парите, исто така за 10 години.“ Значи, наместо да вратите 300.000 денари веднаш, ќе враќате по 15.000 денари секоја година во наредните 10. Супер нели?

Инаку од вкупниот грчки долг кој изнесува 368 милијарди евра, во сопственост на приватните кредитори се 206 милијарди евра од кои тие ќе отпишат 110 милијарди евра. Новите обврзници во вредност од 96 милијарди евра ќе бидат со ограничена камата од максимум 3% годишно и со многу подолг рок на отплата од 30 години. На тој начин кредиторите ќе загубат дополнителни 42 милијарди евра на име изгубени камати и опортунитетни трошоци. Фактички нивната загуба ќе биде 152 милијарди евра или дури 74% од долгот.

Како би изгледало тоа ако се случеше во Македонија? Нашиот јавен долг изнесува околу 1,7 милијарди евра. Доколку се „договориме“ со нашите кредитори исто како и Грците, тој би паднал на 800 милиони евра, односно би ни биле отпишани 900 милиони евра. Што сè би можеле да направиме со овие пари во нашата економија оставам на вашата фантазија и креативност.

За волја на вистината, прифаќањето на овој договор во Грција беше услов за ослободување на следната транша од заемите од меѓународниот пакет на „тројката“ (ЕУ, ЕЦБ и ММФ) за спас на државата во износ од 130 милијарди евра. Фактички, повеќе долгови во износ од 152 милијарди евра под неповолни услови се заменија со еден долг во износ од 130 милијарди евра под релативно поповолни услови. Со тоа, практично се случи најголемо реструктуирање на еден државен долг во историјата на човештвото, односно по не знам кој пат за „економијата со посебни потреби од крајниот југ на континентот“ е направен преседан.

И за да бидат данајските безобразие, иронија и лицемерност уште поголеми, на крајот од денешниот ден, без трошка срам нашиот крвник Венизелос ќе рече „Сакам да им се заблагодарам на сите наши кредитори кои ја поддржаа нашата амбициозна програма на реформи и кои заедно со грчкиот народ ја поднесоа жртвата на оваа историска заложба. Ова е почеток на враќање на довербата во економијата.“ Не знам само каква е таа амбициозна програма на реформи, која е жртвата на грчкиот народ и врз што се базира таа доверба?  Дали врз традиционалната ахајска „желба за враќање“ на долговите или врз „продуктивноста и конкурентноста“ на грчкото стопанство? Останува да видиме…

 

Мерки на Европската унија за спас на еврото и грчката економија

Почитувани! Конечно, после неколкуседмична пауза и откако веќе ги средивме впечатоците од нашите спортски (и не само спортски) успеси, се враќам со продолжение на анализата за економските и финансиските „успеси“ на нашиот јужен сосед.

Кога евробирократите увидоа дека „ѓаволот ја однел шегата“ со нивните егзотични куќни галеничиња од топлите краишта, во мај 2010 година, Советот на министри за финансии на ЕУ одобри формирање на Европски инструмент за финансиска стабилност (European Financial Stability Facility – EFSF). Тој беше дизајниран како пакет од производи наменети за спас на високозадолжените земји од ЕУ во вредност од 750 милијарди евра од кои: 440 милијарди евра би се прибрале од издавање на обврзници на инструментот, 60 милијарди евра би биле обновлив кредит од Европскиот механизам за финансиска стабилизација (European Financial Stabilization Mechanism – EFSM) кој допрва требаше да се формира и 250 милијарди евра би биле обновлив кредит од ММФ. Овој инструмент беше формиран со единствена задача да ја одржува финансиската стабилност на ЕУ преку давање на финансиска помош на земјите од еврозоната тогаш кога тие ќе се најдат во финансиски проблеми. Имено, секогаш кога би биле потребни одредени финансиски средства, ЕФСФ би издавал обврзници кои би ги продавaл на финансискиот пазар, а средствата од оваа продажба би ги користел за одобрување на кредити за земјите во криза. Идејата е ЕЦБ преку овој инструмент да биде поактивна на секундарниот пазар на хартии од вредност, односно да ги откупува обврзниците на земјите должници кои западнале во криза и на тој начин да влијае на намалување на ризикот и стапките на принос од нив. Во 2013 година овој механизам би требало да прерасне во перманентен инструмент наречен Европски механизам за стабилност (European Stability Mechanism – ESM).

Во јануари 2011 година, согласно претходните одлуки на Советот на министри беше формиран ЕФСМ како програма за т.н. интервентно финансирање на земјите во криза. Овој стабилизациски механизам е со финансиска тежина од 60 милијарди евра кои треба да бидат обезбедени на финансиските пазари со гаранција од ЕК и со користење на буџетот на ЕУ како обезбедување. Овој механизам веднаш доби највисок рејтинг ААА од страна на трите најрелевантни светски рејтинг агенции Fitch, Moody’s и S&P’s. Притоа беше одлучено и овој механизам да биде инкорпориран во ЕСМ во 2013 година.

Во јули 2011 година, ЕУ донесе одлука, кредитите кои за Грција ќе бидат одобрувани од европските фондови да не бидат со камата повисока од 3,5%, а веќе во октомври истата година, лидерите на земјите од еврозоната во Брисел договорија пакет мерки дизајнирани за заштита од колапс на земјите-членки кој би можел да настане како резултат на спирален ефект од грчката криза. Овој пакет мерки беше донесен под силно влијание на ЕК чиишто претседател, португалецот Жозе Мануел Баросу (Jose Manuel Barroso) познат по своите блиски врски со грчката олигархија и голем број летни сеанси со јахти по грчките острови побрза прв да ги обелодени. Овој пакет во себе вклучуваше предлог за „доброволно“ отпишување на 50% од грчкиот долг кон приватните кредитори, зголемување на фондот на ЕФСФ на 1 билион (1.000 милијарди) евра, беше испорачано барање до европските банки да извршат докапитализација од најмалку 9% и беше одобрен кредит од 35 милијарди евра за намалување на загубите со кои се здобија европските банки.[1] По објавувањето на овие мерки, финансиските пазари во светот за момент реагираа позитивно на настаните.

Во замена за овие неколку мерки во нејзина корист, Грција требаше да воведе низа дополнителни мерки на штедење преку намалување на буџетските трошења (плати, пензии, бонуси, надоместоци и воени издатоци), зголемување на ДДВ, акцизите и другите даноци, продавање на државните монополи и зајакнување на контролата врз даночната евазија која како „грчки национален спорт“ секоја година ја чини државата околу 20 милијарди евра.[2] Овие непопуларни мерки не наидоа на разбирање кај Грците кои отпочнаа низа штрајкови потврдувајќи ја максимата дека секогаш се бунат „како грк во затвор“. Како резултат на неприфаќањето на овие мерки, премиерот Папандреу поднесе оставка и беше формирана привремена влада на национален спас на чело со технократот Лукас Пападимос (Λουκάς Παπαδήμος), поранешен заменик директор на ЕЦБ (и според некои извори член на Билдерберг групата) кој во наредниот период треба да ги реализира мерките за штедење. Колку успева во тоа гледаме по најновите насилни демонстрации во главниот град на оваа држава, во која живеат скоро половина од населението.

Грчката криза до тој степен ја потресе ЕУ што таа се заниша од своите темели кои и онака не беа нешто посебно цврсти. На површина излегоа сите економски и политички анимозитети што тлееја во Унијата: помеѓу „старата“ и „новата“, помеѓу „островската“ и „континенталната“, помеѓу северната и јужната, помеѓу задолжената и незадолжената, помеѓу „вредната“ и „мрзливата“ Европа. Земјите од ЕУ кои се надвор од еврозоната (Велика Британија, Данска, Шведска) „фаќаат сеир“, додека земјите-членки на ЕМУ (во кои предначат Германија и Франција) од петни жили се трудат да го актуелизираат концептот на солидарност помеѓу Европејците, кој како и секогаш исчезна во првиот момент од појавата на проблемите.

Во текот на преговорите за излез од кризата на преговарачка маса беа ставени низа предлози за решение на проблемите. Еден предлог беше распад на еврозоната и повторно воведување на националните валути, со што одговорноста од неразумно трошење би паднало врз националните влади. Друг предлог беше опстанок на еврозоната, но со создавање на механизам за нејзино напуштање (кој сега не постои) од страна на земјите кои ќе се презадолжат. Во тој случај тие би прогласиле банкрот, би вовеле сопствена валута со интервентна девалвација и со пливачки курс, би ја вратиле сувереноста во фискалната политика и би вовеле стабилизациска политика. Третиот предлог произлезе од Австрискиот институт за економски истражувања и се однесуваше на формирање на Европски монетарен фонд кој би произлегол од ЕСМ и кој на државите во криза би им обезбедувал еврообврзници со фиксен принос кој би бил малку под нивото на номиналниот среднорочен економски раст на соодветната земја.

Конечно во декември 2011 година, повеќето земји членки на еврозоната се сложија околу предлогот на германскиот канцелар Ангела Меркел (Angela Merkel) и францускиот претседател Никола Саркози (Nicolas Sarkozy) за создавање на единствена фискална политика, нешто што требаше да се направи уште со создавањето на единствената монетарна политика, а на што укажуваа сите посериозни економисти.

Со новите фискални мерки е предвидено:

– националните буџети на еврозоната да бидат балансирани, а овој принцип ќе се смета за испочитуван доколку годишниот структурен буџетски дефицит не надминува 0,5% од БДП;

– правилата да се внесат во националните законодавства на уставно или пониско ниво и за нив да се одговара пред Европскиот суд;

– автоматски санкции за земјите чиј номинален дефицит ќе надмине 3% од БДП, освен ако еврозоната не донесе друго решение со квалификувано мнозинство;

– комбинација на ресурсите на сегашниот и на идниот спасувачки фонд на ЕУ во 2012-2013 година со цел да се помогне во зајакнување на еврото;

– ЕСМ да тежи 500 милијарди евра, а ЕФСФ да продолжи да постои и да располага со 600 милијарди евра;

– Одлуките за одобрување средства од новиот фонд ЕСМ ќе се носат со мнозинство од 85%.

Сепак, некои земји од ЕУ (Велика Британија, Скандинавските земји и Бенелукс) остануваат скептични во врска со ваквиот договор напоменувајќи дека тој може да придонесе за т.н. трансферна економија, односно побогатите земји членки на ЕМУ да ги плаќаат сметките на посиромашните исто како што Ломбардија и Пиемонт ги плаќаат сметките на Сицилија и Калабрија во Италија, Северна Рајна Вестфалија и Хесен ги плаќаат сметките на Саксонија и Бранденбург во Германија, а Фландрија ги плаќа сметките на Валонија во Белгија.

Меѓутоа, според Кејто институтот, најголем проблем на ЕУ е недостатокот на конкурентност во однос на САД и БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина) и немањето желба на вистински промени за разлика од козметички промени кои се предлагаат од евробирократијата. Земјите од ЕУ со средни примања, а висок стил на живеење (т.н. ПИГС земји – Португалија, Италија, Грција, Шпанија) имаат многубројни закони и добро организирани синдикати што спречуваат разумни реформи во пензискиот систем, јавната администрација, здравството и во образованието, така што од нив не може да се очекуваат драстични мерки на штедење. Она кон што сите во ЕУ треба да бидат насочени е приватниот бизнис.[3]

Ова е секако поука и за нас!


[1] Jabeen Bhatti – EU leaders reach a deal  to tackle debt crisis (http://wwwusatoday.com/money/world/story/2011-10-25euro-summit

[2] Associated Press – Greeks and the State: an Uncomfortable Couple (3 May 2010)

Не запираме повеќе…(2)

Утрото се разбудивме со страшна главоболка. Не нè изненади. Претходниот ден „код Вукашина“ во „Гурманска тајна“ појадувавме струмичка мастика. На „Казанџиска“ се окрепивме со „домаћи“ рум. За ручек, аперитив – којничка ракија, со ручекот – „Т’га“, а за десерт Stock 84. За вечера се трезневме со „Апатинско“, за во раните утрински часови во базата на фалангата – Caffè Ypsilon, да затвориме со 5-годишен Cezar. Бевме како Игор Џамбазов во најдобрите денови, а Badel ни беше најдобар пријател. Се чувствувавме како на екскурзија во средно, само со многу повеќе пари. Небото беше лимит.

Има нешто во нишкиот  воздух. Не, тоа не се фабричките оџаци на ЕИ од кои веќе 10 години не излегува ништо. На вработените таму ни на крај памет не им било дека ќе прават телевизори кои сè уште работат и кои ќе ја надживеат фабриката. Не е ни до „Дуванска“ која на репертоарот веќе одамна не ја става „Нишка Дрина“, туку „каубојските“ брендови на Phillip Morris. Воздухот на Ниш е оној кој го дишеа Калча, Ивко, Курјак и Шабан Бајрамовиќ. Тоа е воздухот на меракот, хуморот, песната, уживањето и слободоумноста. Тоа е воздухот кој и покрај сите проблеми ги тера луѓето да ти речат: „све је у реду… важи се, бато… ће да буде… код Калче нема лагања… Едноставно, „НЕМА ДРУГИ ЧОВЕЦИ, САМО СМО МИ ЧОВЕЦИ!!!“

Станав. Двајцата „соиграчи“ веќе беа отидени во „Радон“ на бања. Договорот беше: тие –  масажа, сауна и базен, а јас само сауна и базен. Стигнав на рецепција.

– Сакаш да их видиш друговите Македонците? – се помачи Беба рецепционерката со македонскиот и се окези.

– ‘Оћу! – се измангупив на српски.

Во истиот момент излезе Цаци масерката. Млада, генерација – сараевска олимпијада, малку црнка к’о Коштана, но доста шармантна.

– Ево ги, уживају! – се насмеа и го откри благото растојание помеѓу секачите. Што да видам? Двајцата легнати на стомак, во полузаспивачка позиција, со блажена насмевка на лицата – кулираат, секој во својот свет.

– Аууууф! – ги раздрмувам малку. Стануваат полека, истешко.

– Ау, батучед, воа нигде го нема, уживанција! – вика едниот. Другиот, молчи три секунди… Одеднаш ѝ ги зема рацете на Цаци и воскликнува: „Воа се златни раци!“ Јас паѓам во несвест од смеа. Сауната и базенот повеќе не се интересни.

Почнуваме да се подготвуваме за главната битка. Ги шаркаме воените црвено-жолти бои. Откако неочекувано направивме тактички маневар пред вратите на Берлин, се прегрупиравме за освојување на „златната“ Прага – мајката на сите градови, но и на Филип Јиха, најдобриот стрелец и МВП на претходното Европско првенство во Австрија. Реквизитите се тука, срцето е на место, грлото е подмачкано, тапаните чукаат…Тимот дополнително е зајакнат со министерот и со кадијата – за секој случај!

– За кого?

– За МАКЕДОНИЈА!

Ги наоѓаме своите места на трибините и веќе се чувствуваме како навивачи во Премиерлигата. Секој натпревар го гледаш со истите луѓе околу тебе и тоа трае со години и генерации. Уште да почневме и за приватните проблеми да си правиме муабет!

– Кај бевте ‘чера, со ко’о бевте, буцнавте ли нешто…? Сè прашања до прашања…Што да им кажам?

Повторно разгласот ни го прави меракот: „АКО УМРАМ ИЛ’ ЗАГИНАМ, НЕМОЈ ДА МЕ ЖАЛИТЕ, НАПИЈТЕ СЕ РУЈНО ВИНО, СКРШЕТЕ ГИ ЧАШИТЕ!“. Таква увертира не можат да направат ни Дворжак и Сметана заедно. Ах, Јонче…

Натпреварот почна и заврши во еден здив. Не се виде ни Чешка, ни Прага, ни Јиха, ни „Старопрамен“, ни Каролина Куркова…ги збришавме!!! Казна за нивното потценување пред турнирот. Чаир подолжи да се тресе: „ЗА БЕОГРАД…ЗА БЕОГРАД…“ Црвено-жолт  делириум!

Не помнам кога и како си легнавме. Помнам само дека нашето „десно крило“ со своето црево им помагаше на „колегите“ од „Србија пут“ да го исчистат снегот топејќи го истиот во 5 сабајле. Сизифова работа…

Петок. Клучката на излезот од Ниш кон автопатот. Десно…Белград. Лево…Скопје. Се мислиме… Сепак, лево. Знаеме, има и други Македонци кои горат од желба да ја бодрат нашата МАКЕДОНИЈА во новите битки. Има и други чеда оваа земја подготвени да бидат со неа и во добро и во зло. Помлади, посилни, похрабри! Да им отстапиме место. Барем малку нека го почувствуваат и доживеат она што ние го доживеавме тука.

„КОЛКУ СМЕ ТОЛКУ СМЕ, ТОКМУ СМЕ!“ А, многу сме и јаки сме!!!

Не запираме повеќе…

Тргнавме на пладне. Две возила; едното металик златно, другото металик сребрено. Добар знак, ќе има медал. Екипата, шест души – ракометна во поле. Фали само уште голман. Договорено е со него да „потпишеме“ таму, на негов терен.

Граница.

-Ш’о ми идете со лични карти? Се’а ме мачите да чукам на компјутеров, наместо само пасошот да го минам на скенер.

– Ама министерката рече…

– Знам де, знам, ајде! Само за арно нека е, па финале да играме! Широка насмевка на лицето на „плавецот“.

– За арно нека е.

Србија.

– ‘Де су вам пасоши? Тежок јужноморавски дијалект и бели заби за потврда на очигледната шега. – Ајд’ срећно вечерас!

– Фала ти, да си жив и здрав.

Фалангата веќе ја формирала својата формација – напред мотори (стрелци), во средина автомобили (пешадија), назад коњица (автобуси и минибуси). Држете се сите, црвено-жолтотото цунами доаѓа. Ти, ти, тититиииии…

Кај Џеп, сообраќајка. Се враќаме 5 километри назад и се движиме по стариот пат за Владичин Хан. Конечно излегуваме на автопатот. Повторно добар знак. Ќе ја оствариме целта, но по потешкиот пат. Кај нас Македонците никогаш, ништо не е лесно. Та нели го имаме „Тешкото“?

Мојот Ниш.

Се изменил, не е оној стариот, се проширил, се нашминкал. Ново Село, КП Дом, Ледена Стена, Бубањ, Кичево, Центар, Медијана… познати топоними, непозната „архитектура“.

Седмиот играч, „голманот“ ни е тукашен, нишка логистика. Вистински меркалија. Мој брат по крв и мајчино млеко. Не сме се виделе со години. Сме остареле, проќелавеле, ама желбата за дружење не згаснала.

– Кућа за боравак је у Нишку Бању, ни вели! Нишка Бања, топла вода…

Сместувањето е супер. Цеца, газдарицата е уште по супер. Јужњачки менталитет, наша крв. Се ближи 18.15. Зовриваме. Се китиме со неизбежната костимографија. Дрес за срце, шал за грло, знаме за раце…најјаки сме, ни нема рамен.

Спортски центар „Чаир“.

Стоиме вџашени пред салата. Не знаев дека океанот може да биде црвено-жолт. Гоцевата раса урла – УУУУУ….ААААА…..МАКЕДОНИЈА… МАКЕДОНИЈА….ЕЕЕЕЕ!!!! И повторно, и повторно и повторно…

Сè е наше. Денес, Нишава е нашиот Ис – ќе ја поминеме! Денес Чаир е нашиот Персеполис – ќе го освоиме! Денес, Шведска е нашиот Дариј – ќе ја поразиме!

Влез 3, трибина Е, ред… поткровен – со галапчињата и понекоја „чавка“ која полага за „гавран“. Ќе се познае која е!

Трибината – „велешка“. Се чувстувам како во кафичите спроти гимназија. Здраво…здраво…каа’ си бе, улав? Околу 500 велешани. Даваме 2,5% од населението во Македонија, а 12,5% од навивачите во Чаир. Одлични сме. Десно од нас – Чкембарите. Секоја чест браќа, вистински „воѓи“. Лево од нас – Источна пруга – Свети Николе, Штип, Кочани – добра поддршка. Салата исполнета до последното место. (Да се прешалтам додека не сум станал како Златко Калински).

Од разгласот полека тргнуваат седум осмини – ‘ендватри…’ендва…’ендва! Од поттрибинскиот тунел „изгрева сонцето“. Се збудалуваме…Трибините се тресат.

ИЗЛЕЗИ МОМЧЕ ПРАВО НА ТЕРАСА… 100 децибели!!! Се арчиме за Македонија.

Нашите момци изгледаат подготвено. Наострени, како бик пред корида. Сите се тука; Борко, Кире, Мојсо, Жути, Столе, Влатко, Стефче, Диви, Бранче, Манас, сите…

За момент – молк, штама.

And now, please stand for the national anthem of MACEDONIA.

Аууу, морници ме лазат, се ежам и насолзувам. Ечи до Скопје, до Белград, до Атина, до Брисел, до Париз, до Вашингтон, море до Пјонгјанг, Микронезија и вселенската станица „Сојуз“ ечи…

ДЕНЕС НАД МАКЕДОНИЈА СЕ РАЃА,

НОВО СОНЦЕ НА СЛОБОДАТА,

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ БОРАТ,

ЗА СВОИТЕ ПРАВДИНИ!

Четири илјади грла, два милиона срца и сто пати по толку симпатии.

Сега повеќе ништо не е важно. Што и да се случи, НИЕ СМЕ ВЕЌЕ ПОБЕДНИЦИ!

Влијание на грчката должничка криза врз европската монетарна криза

Со потпишување на Мастришкиот договор во февруари 1992 г., земјите членки на ЕУ ги усвоија т.н. мастришки критериуми со кои се обврзаа да го ограничат буџетскиот дефицит на 3% и нивото на државен долг на 60% од БДП, а стапката на инфлација на не повеќе од 1,5% над просекот на првите три земји од ЕУ со најниска инфлација од претходната година. Секако, Грција ги заобиколи овие правила и во секоја фискална година преку низа комплексни валутни и кредитни дериватни структури успеваше да ја замаскира висината на дефицитот и долгот, со цел истите да се движат во рамките на „мастришките критериуми“.[1] Фактички, Грција со низата фалсификати на економските перформанси и финансиски манипулации им даде сосема ново значење на термините „креативно сметководство“ и  „слободно толкување на статистиката“ во светот. Во тоа секако голема улога одигра и компанијата за инвестициско консултантство Goldman&Sachs која во име и за сметка на грчката влада за надоместок од неколку стотини милиони долари сесрдно „помагаше“ во презентирање на финансиските перформанси на нашиот јужен сосед.[2] Официјалните податоци доставени до Eurostat за 2009 г. покажуваа ниво на државен долг од 127% и буџетски дефицит од 12,7%. Меѓутоа, подоцнежната ревизија на грчките перформанси од страна на ЕУ и ММФ покажаа дека во оваа година буџетскиот дефицит изнесувал 15,4%, нивото на државен долг 156%, а стапката на инфлација околу 9% над просекот на првите три земји од ЕУ со најниска инфлација од 2008 година. Практично, првите два финансиски перформанса биле највисоки во светот.

Иако одредени европски и светски финансиски институции профитираа од зголемувањето на грчкиот државен долг, сепак на краток рок ова беше вовед во сериозна криза во еврозоната. Европските политичари и економисти замижуваа пред реалната ситуација во Грција и покрај тоа што беше јасно дека еврото како заедничка валута е доведено во опасност. Инвеститорите беа во заблуда наивно претпоставувајќи дека со купување на еврообврзници од слабата Атина кои носат повисок принос, го кредитираат силниот Берлин кој има силен потенцијал за отплата на долговите, т.е. тие грешно сметаа дека ризикот им е сведен на минимум.

Веќе при крајот на 2009 г. инвеститорите ја увидоа својата грешка и сфатија дека грчката должничка криза од темел ќе ги потресе и другите земји од еврозоната. Драстичното зголемување на грчкиот надворешен долг ги алармираше светските финансиски пазари и повеќе никој немаше интерес за грчките државни обврзници. Недостатокот на побарувачка го зголеми приносот од овие обврзници на 15%, меѓутоа и понатаму нив никој не ги сакаше, а на грчката влада очајно и беа потребни пари за да го сервисира државниот и надворешниот долг. Грција мораше да се справува со огромната недоверба што во меѓувреме ја предизвикаа агенциите за кредитен рејтинг, а дополнително ја зајакнаа финансиските пазари. Во економско-финансиската теорија е познато дека колку е понизок рејтингот на една држава толку е поскапо рефинансирањето на долговите, а колку се поголеми долговите толку е понизок рејтингот со што се создава еден магичен круг на задолжување. Ова беше златна шанса за шпекулантите, валутните трговци и за хеџ-фондовите (hedge funds). Тие веќе можеа да шпекулираат за падот на еврото и да играат на веројатноста дека европските партнери ќе ја спасуваат Грција. Сето ова придонесе агенцијата за кредитен рејтинг “Standard & Poor’s” во октомври 2010 г. да оцени дека долгот на Грција во 2010 г. ќе достигне 160% од БДП. Уште истиот ден поскапе цената на осигурувањето на ризикот од загуба на грчките обврзници, попознати како свопови од ненаплатливи кредити (credit default swaps – CDS).

Грчката криза ја намали довербата и кон другите земји-членки на еврозоната пред сè: Португалија, Шпанија, Италија и Ирска кои имаа буџетски дефицит од 9%, 10%, 3% и 30% соодветно. Тоа придонесе цената на 10-годишните обврзници на овие земји во октомври 2011 г. да изнесува 23% за Грција, 12% за Португалија и Ирска, 5% за Шпанија и 7% за Италија[3]. Меѓутоа, додека долгот на Италија и Шпанија е претежно кон домашните кредитори (внатрешен долг), долгот на Грција и Португалија е претежно кон странските кредитори (надворешен долг) што секогаш е многу потежок за отплата. Овие две земји особено имаат проблем со кредибилитетот од причина што отсекогаш покажувале хронична неспособност навреме да ги отплаќаат своите долгови, остваруваат релативно низок раст на економијата, покажуваат висок дефицит кој постојано се продлабочува и имаат стагнација во странските директни инвестиции.

Сепак, се чини дека најголем удар врз Грција и еврото предизвика намалувањето на рејтингот на грчките обврзници од страна на Standard &Poor’s на BB+ во април 2010 г., доведувајќи го рејтингот на оваа држава на ниво на Азербејџан и Египет. Проценката на S&P’s беше дека во случај на нефункционалност, инвеститорите во грчки обврзници ќе изгубат помеѓу 30% и 50% од нивните средства. Ова придонесе за преплавување на пазарот со грчки обврзници од страна на нивните носители со цел што побрзо да се ослободат од нив и драматичен пад на вредноста на еврото на светските пазари. Само грчките банки поседуваа грчки обврзници од над 50 милијарди евра со што автоматски се намали и нивниот рејтинг.[4] Грција немаше каде да оди и по којзнае кој пат повторно се обрати за кредитна помош до светските финансиски институции. По ветувањето за спроведување на остри мерки на штедење кои предвидуваа намалување на државните трошоци за 25 милијарди евра во наредните 5 години, во мај 2010 г. ММФ ѝ одобри заем на Грција во износ од 110 милијарди евра, а Европската централна банка (ЕЦБ) во јуни 2010 г. купи грчки обврзници во износ од 25 милијарди евра со цел да ги стабилизира цените и да го врати мирот на пазарот. Овие средства беа доволни Грција да издржи само една година, период во кој рејтингот на земјата продолжи да тоне. Веќе во јуни 2011 г. S&P’s им го доделија најнискиот можен рејтинг CCC на грчките обврзници  прогласувајќи ги истите за „ѓубре“, односно дека во случај на нефункционалност инвеститорите во грчки обврзници ќе изгубат преку 90% од парите. Со тоа кредибилитетот на Грција застана рамо до рамо со земји како ДР Конго, Централноафриканската Република и Чад. Сепак, тоа не ги спречи институциите од т.н. „тројка“ (ЕУ, ММФ, ЕЦБ) задолжени за засилен мониторинг врз Атина, во јули 2011 г. да ѝ одобрат нов заем од 109 милијарди евра под услов да спроведе нови мерки на штедење и приватизација на сите јавни претпријатија. Со тоа, за една година Грција дополнително се задолжи за нови 219 милијарди евра во ситуација кога БДП реално опаѓаше за преку 4% годишно. Рецепт за сигурен колапс.

Тогаш „тројката“ повторно стапува на сцена и на приватните банки изложени кон нивното „милениче“ им наложуваат отпишување на 50% од долгот или преку 100 милијарди евра, со цел грчкиот долг да падне од огромните 160% на 120% од БДП до 2020 г. Во исто време сè погласно почнаа да се слушаат најавите за „контролиран“ или „делумен“ банкрот на Грција што претставува класичен еуфемизам. Како што е познато, економијата не познава категорија „делумен банкрот“, односно или една земја е ликвидна и може да ги сервисира обврските или не може и банкротира. Ситуација помеѓу двете не е возможна, исто како што не е возможно некоја „невеста да биде малку трудна“.

Грчката криза предизвика огромни проблеми и кај останатите земји од ЕУ. Во Ирска, државата мораше да изврши докапитализација на приватни банки во вредност од 85 милијарди евра или преку 32% од активата како резултат на нивниот отпис на ненаплативите побарувања, а обврзниците на овие банки Moody’s ги прогласи за „ѓубре“. Португалија се задолжи за нови 78 милијади евра и мораше да ја продаде својата златна акција во Portugal Telecom, а Moody’s го намали кредитниот рејтинг на државата на „ѓубре“. Италија спроведе план за намалување на државните трошоци во износ од 125 милијарди евра. Владите на сите овие држави паднаа исто како и владите на Летонија, Словачка и Словенија кои беа казнети од домашните гласачи за нивното прифаќање на пакет мерките за спас на Грција кој предвидуваше нивно поголемо буџетско оптоварување. Останатите земји исто така претрпеа помали или поголеми штети.

Конечно, евробирократските структури во Брисел сфатија дека веќе не можат проблемите да ги ставаат под тепих и се одлучија да преземат некаква акција.

П.С. На сите читатели ви го честитам Рождеството Христово – Божиќ. ХРИСТОС СЕ РОДИ!


[1] Michael Simkovic – Bankruptcy Immunities, Transparency and Capital Structure, Presentation at the Word Bank, January 11, 2011 (http://ssrn.com/abstract=1585955)

[2]Kevin Connor – Goldman’s Role in Greek Crisis is Proving Too Ugly to Ignore (http://www.huffingtonpost.com/kevin-connor/goldmans-role-in-greek-cr_b_479511.html)

[3] European Central Bank and European Commission

Генеза на грчката должничка криза (втор дел)

Почитувани!

Пред да продолжам со анализа на влијанието на грчката должничка криза врз европската и светската економија и како таа ќе се одрази на европските финансиски текови во годината што претстои, на сите би сакал да ви ја честитам НОВАТА 2012 ГОДИНА со искрени желби за здравје, среќа, љубов и професионален успех.

Се надевам дека со Божја помош, Новата година ќе ни донесе двоцифрен раст на економијата, но и двоцифрен пад на невработеноста. Ќе ни донесе едноцифрена инфлација, но и платен и трговски суфицит. Ќе ни донесе целосно светско признавање под единственото вечно име, но и членство во евроатланските структури. Ќе ни донесе европски и олимписки медали во ракомет, ватерполо, кошарка и други спортови и нашите спортисти ќе нè направат уште погорди  и пообединети од лани. И секако, се надевам дека ќе бидеме уште поголеми и погорди МАКЕДОНЦИ од лани.

Во минатонеделниот осврт видовме зошто и во Новата година, Грците нема да можат да се надеваат на излез од кризата која ги погоди. Во продолжение ќе го заокружам историскиот осврт на грчкиот однос кон долгот и задолжувањето.

По Втората светска војна и Граѓанската војна, Грците како и многу пати пред тоа побарале од сојузниците да им бидат простени предвоените заеми како награда за „изборот на вистинската страна и придонесот во војната“ и „отстранување на комунистичката опасност на Балканот“. За нивна жал, долговите не само што не им биле простени, туку по 15 години постојани преговори, притисоци и уцени во 1964 година владата на Јоргос Папандреу (Γεώργιος Παπανδρέου) постариот ги прифатила сите долгови од 1881 година до тогаш (и покрај претходно прогласените банкроти) плус натрупаните камати приспособени по тогашни цени, како и 71% од насобраните казнени камати како надомест за штета на странските кредитори. Целосниот долг требало да биде исплатен во рок од 45 години, односно до крајот на 2009 година. Со доаѓањето на воената хунта на власт во 1967 година, „владата на полковниците“ се обидела да го редефинира овој договор, односно во замена за отплата на целиот долг, на западните сојузници и банки да им ги отстапат контролата над Егејското Море, над грчките банки и да се откажат од обединувањето со Кипар. Овој план не бил реализиран и грчката должничка трагедија продолжила.

Најновата грчка должничка криза започна кон крајот од минатиот век, односно по приемот во Европската економска заедница (ЕЕЗ). Земајќи в предвид дека Грција е едниствената земја која беше „внесена на мускули“ во Заедницата и покрај негативната препорака од европските тела, таа мораше оваа услуга да ја плати со земање на непотребни заеми од земјите кои ѝ помогнаа во тоа. Еден таков заем е заемот од Франција земен во 1987 година кој имал клаузула за купување на француски воени бродови  и облека од фирмата „Лакост“ со што била загрозена грчката бродоградителска индустрија и влијаело врз конкурентноста на домашната текстилна индустрија. Друг сериозен проблем на грчката држава е огромниот бирократски апарат кој поради слабата продуктивност на домашната економија мора да се „храни“ со странски заеми.

Иако грчките економисти помислија дека со влезот во ЕМУ проблемите со грчкиот долг ќе исчезнат, прифаќањето на еврото беше иницијална каписла за крах на грчката економија. Во предвечерието на конверзијата во евро, владата го разменила целиот национален долг, кој дотогаш бил главно внатрешен (80%) од драхми во евра, со што тој на некој начин веќе станал надворешен, односно долг кон ЕМУ. Познато е дека во банкрот се оди поради надворешен долг, односно од средства позајмени од интернационалните пазари и во силни валути. Од тој момент, започна финансиското одбројување за Грција и беше само прашање на време кога бомбата ќе експлодира. Покрај тоа што во претходната деценија Грција бележеше просечен раст на бруто домашниот производ (БДП) од натпросечни 4%, растот на долгот беше супернатпросечен – 18%. Тоа значи дека Грција практично земала заеми за да покаже раст на БДП.

Тоа беше вовед во една уште поголема криза што ја затресе Европа и светот – европската монетарна криза.

Генеза на грчката должничка криза (прв дел)

По објавувањето на грчките финансиски проблеми на почетокот од оваа година и нивното проширување на останатите земји членки на Европската монетарна унија (ЕМУ) и делумно на целата Европска унија (ЕУ), економските аналитичари се поделија во две групи застапувајќи две дијалметрално спротивни гледишта; едното, дека должничката криза на нашиот јужен сосед го предизвика колапсот на ЕМУ оваква каква што ја знаеме денес и кое е поддржано од поголем број на теоретичари од Германија, Велика Британија, Скандинавските земји и Бенелукс и другото, дека нерегулираниот финансиски систем на ЕМУ и „други надворешни фактори“ ја предизвика должничката криза кај најјужната европска држава која наводно прва потклекнала поради нејзината ранливост пред европските финансиски текови. Оваа теза е застапена од грчки и одредени нивни португалски, француски, американски и шпански колеги.

Генезата на грчките финансиски проблеми лежи во менталитетот на граѓаните од т.н. грчко етничко потекло граден од антиката до денес, а заснован на измама, манипулација, хедонизам и западен емпатизам. Грчката измама на своја кожа најмногу ја имаат почувствувано Тројанците преку „Тројанскиот коњ“, но и земјите од ЕУ  преку грчкото доставување на лажни финансиски извештаи за економските и финансиските перформанси до Евростат. Грчкиот нагон за измама најдобро е артикулиран во Вергилиевата „Енеида“ со зборовите: “Timeo Danaos et dona ferentis” (Чувај се од Данајците и подароци кога ти носат). Од грчката вештина за манипулација (позната уште од средниот век како „Византиска дипломатија“), најмногу патиме ние, Македонците преку геноцидниот „проблем со името“, но повторно и земјите од ЕУ преку барањето за отпишување на половина од долгот кон овие земји „за сиромашките Грци да се обиделе да соберат сила да ја вратат другата половина“ како што велат самите тие. Хедонизмот како стил на живеење и работење се состои од создавање на домашен производ најмногу преку трговија и туризам (кај нашиот народ познато под максимата „грк е занает, а не нација“), а производствените активности се сведени само на производство на маслинки и агруми под сенките на дрвјата, со мала и закржлавена индустрија. На крај, западниот емпатизам за т.н. „лулка на демократијата“ – термин произлезен од романтичното создавање на модерната грчка нација од страна на Јохан Густав Дројзен (Johann Gustav Droysen), во средината на XIX век, придонесе таа да биде единствена земја која станала членка на ЕУ без позитивна препорака од Европската комисија (ЕК) и членка на НАТО без исполнување на основните стандарди за демократија, почитување на човечките права и економски развој. Впрочем, за познавачите на овие факти, грчката должничка криза не е изненадување. Изненадување е само тоа што таа пребрзо метастазираше кон другите земји-членки на ЕУ .

Иако зборот економија (οἰκονόμος) има старохеленско потекло со значење „домаќинско работење“, сепак теоријата и праксата во животот на нашите јужни соседи кои безуспешно се обидуваат да нè убедат дека се потомци на старите Хелени немаат многу допирни точки. Малку е познато дека првиот банкрот во светската историја е забележан токму кај старите Хелени. Имено, во 450 година п.н.е. 10 од вкупно 13 хеленски градови-држави (полиси) членки на Делфскиот сојуз, позајмиле пари од заедничката каса која била чувана од страна на свештеничката Питија во храмот на Аполон во Делфи. Подоцна, откако полисите сфатиле дека не се во состојба да ги вратат овие средства, започнале со тактиката која ја практикува денешна Атина – иницирале преговори за репрограмирање на доспеаниот долг. Оттогаш, овој начин на однесување стана обичај и незаобиколен дел од грчкиот економски и духовен фолклор.

Од прогласувањето на независноста во 1822 година, Грција банкротирала најмалку 7 пати, односно цели 90 години од вкупно 200 години постоење, грчката држава не била во состојба да го отплатува надворешниот долг. Првиот банкрот се случил за време на граѓанската војна во 1827 година кога „не се знаело“ која од двете завојувани фракции треба да ги врати двата кредити одобрени во 1824 и 1825 година по пат на издавање на обврзница на Лондонската берза во вкупен износ од 2,8 милиони тогашни фунти стерлинзи.

Вториот банкрот се случил веќе во 1843 година за време на октроираниот баварски принц на грчкиот престол Ото (Otto Friedrich Ludwig von Bayern) кога Грците одбиле да ги плаќаат високите даноци наметнати од странскиот крал, поради што не биле во можност да ги отплаќаат надворешните долгови во вредност од преку 500.000 златни француски франци.

За третиот банкрот повторно биле доволни само 20 години и се случил во 1863 година поради што големите европски сили морале повторно да интервенираат и на грчкиот трон да донесат друг странски деспот, овојпат данскиот принц Георг (Vilhelm Georg von Schleswig-Holstein-Sonderburg-Glücksburg) за кој се надевале дека ќе ја „оправда“ довербата и ќе отпочне да ги враќа грчките долгови кон нив што секако не се случило. Грците успеале да вратат само 10% од долгот.

Од историско-економски аспект можеби најинтерсен е четвртиот банкрот на грчката држава од 1893 година кога долгот изнесувал 632 милиони златни француски франци, а годишниот приход во државната каса бил само 64 милиони франци, односно долгот изнесувал 1.000% од буџетот. Овие бројки го приморале тогашниот грчки премиер Харилаос Трикупис (Χαρίλαος Τρικούπης) да излезе пред пратениците во парламентот и да го изговори славното и за прв пат јавно искажано признание: „ЗА ЖАЛ ГОСПОДА, БАНКРОТИРАВМЕ“. Оттогаш потекнува и светски познатата максима „должен како Грк“. Сепак, западните земји и понатаму „широкоградо“ нуделе кредити на веќе банкротираната грчка држава, но овојпат за таа да може да ги врати претходно земените кредити и веќе во 1897 година, долгот изнесувал 770 милиони златни француски франци. Истата година, по несфатливо неразумниот и срамен напад врз Отоманската Империја, Грците доживуваат катастрофален воен пораз од „аскерот“ по што меѓународната заедница воспоставува Меѓународен финансиски комитет за управување со грчкиот долг составен од странски и домашни финансиски институции. Овој Комитет имал за задача да ги собира сите даноци на приход исплатени за државните монополи за сол, нафта и цигари со цел отплаќање на долгот кон странските доверители. Показател за тежината на долгот што го имала Грција е што Комитетот функционирал во следните 80 години, односно сè до 1978 година.[1] Тоа секако не им пречеше целиот финансиски, воен, политички и дипломатски потенцијал да го насочат кон окупација на Македонија и холокауст на Македонскиот народ.

Како резултат на овој „напор“ во 1913 година од страна на „големите сили“ на подарок добива 51% од Македонија со што двојно ја зголемува својата територија, а воедно се стекнува и со најплодното подрачје на Балканот. Сепак, Грците повторно не биле заинтересирани да живеат и работат согласно добрите економски практики. Вовед во петтиот банкрот е повторната самоубиствена воена екскурзија овојпат против новоформираната Турска република во 1923 година што предизвикува нова воена и финансиска катаклизма. Странските банки одбиле да даваат нови заеми за отплата на старите, но банкротот за кратко бил спречен со Првиот задолжителен заем кој го вовел тогашниот премиер Петрос Протопападакис (Πέτρος Πρωτοπαπαδάκης). Овој заем de facto бил задолжителен бескаматен заем од граѓаните за државата со кој Протопападакис буквално ги поделил парите на половина, задржувајќи ја едната за циркулација и размена, а другата како обврзници за внатрешен национален долг. Тоа практично значело инстантна дефлација на економијата од 50%. Сепак, банкротот бил неизбежен и истиот се случил во 1932 година, кога според буџетскиот извештај на Министерството за финансии, Грција должела 2,9 милиони златни француски франци.

Следната недела: „Генеза на грчката должничка криза“ (втор дел)

Стратегија за експанзија на извозот на агроиндустриски производи

Стратегијата за експанзијата на извозот на агроиндустриски производи се дефинира како збир на мерки и инструменти на јавниот сектор (Владата) со кои потенцијално или реално можат да се зајакнат извозните активности на ниво на држава (национално ниво), на ниво на агроиндустриски комплекс (секторско ниво) или на ниво на компании и индивидуални производители (микро ниво). Значењето на оваа стратегија се огледува во фактот што таа овозможува создавање на свест за потребата од извоз на агроиндустриски производи во функција на раст и пазарна експанзија на агроиндустрискиот комплекс, ограничување и отстранување на пречките на патот на извозните активности и донесување и спроведување на мерки за помош која им се пружа на постојните и потенцијалните извозници од комплексот.

Како потстратегија на оваа стратегија, Џагдиш Багвати (Jagdish Bagwati) ја дефинира стратегијата за експанзија на извозот врз основа на природните ресурси. Оваа потстратегија е прилично актуелна за агроиндустрискиот комплекс поради неговата целосна зависност од природните ресурси како фактор на производство. Таа вклучува одредени програми на Владата кои се дизајнирани за искористување на природните компаративни предности на земјата. Денес, во Македонија се чувствуваат одредени примеси на оваа потстратегија во форма на поттикнување на извозот на примарни земјоделски производи и поинтензивно искористување на расположивите основни фактори за производство како компаративна предност. Меѓутоа, оваа потстратегија има сериозна слабост што укажува на нејзиниот краткорочен карактер. Имено, според податоците на Организацијата за земјоделство и храна (Food and Agriculture Organization – FAO) и Организацијата за економска соработка и развој (Organization for Economic Cooperation and Development – OECD) во периодот 1985-2005 г. светскиот пазар на примарни земјоделски производи годишно растел со стапка од 2,6% што е трииполпати побавно од растот на пазарот на преработки од 8,9%. Овој податок укажува на неодржливост на оваа потстратегија на долг рок. На овој начин, извозниците на доминантно примарни земјоделски производи (во кои спаѓа и Македонија) во континуитет и на подолг рок се соочуваат со влошување на односите на размена на нивна штета.

Македонија како држава со ограничени ресурси може да остварува траен економски развој единствено со стратегија насочена кон експанзија на извозот на преработени агроиндустриски производи. Градењето на соодветна стратегија за извозна експанзија е conditio sine qua non за остварување на оваа цел. Развојот на оваа стратегија треба да започне со соработка на јавниот сектор претставен од Владата, производителите претставени од здруженијата на земјоделци и секторските комори, трговците претставени од трговските асоцијации, финансиските институции и стручната јавност. Од дијалогот треба да произлезе координиран настап и исполнување на преземените обврски кои мора да бидат комплементарни.

Понатаму, за подобрување на извозниот потенцијал на агроиндустрискиот комплекс е потребно водење на соодветна агроиндустриска политика како дел од развојната и макроекономската политика на земјата. Таа мора да се води во согласност со специфичностите на земјоделското производство и потребите на македонското стопанство. Водењето на земјоделска политика пак како дел од агроиндустриската политика е непоходно поради разликата во третманот на земјоделството во однос на другите стопански гранки, а како резултат на неговата специфичност. Лошото водење на земјоделска политика може да предизвика сериозни пречки во развојот на одредено национално стопанство. Така на пример, земјоделската политика на државно формирање на цените на какаото од страна на владата на Гана, придонела земјата од најголем светски производител и извозник на какао во 1970-тите години, за нецели триесет години  да стане нето увозник на какао. За да ја одигра својата улога во поттикнување на агроиндустрискиот комплекс како фактор на развојот на националното стопанство, земјоделската политика мора да води сметка за неколку важни инструменти: политика на цени, управување со вишоците и резервите, заштита на домашното производство, заштита на доходот на земјоделците, стабилен домашен пазар и поттикнување на извозот на земјоделски производи. Меѓутоа, преголемиот интервенционизам може да има негативно влијание врз слободната трговија.

Стратегијата за експанзија на извозот на агроиндустриски производи мора да биде конципирана на начин што ќе ги мотивира производителите и трговците за вклучување во извозните активности. Владата треба да излезе во пресрет на овие субјекти преку конкретни програми за поддршка на извозот и обезбедување на сите релевантни информации во вистинско време и на вистински начин. Постојано треба да се има в предвид фактот дека секој земјоделски производ и секоја компанија која настапува на пазарот со агроиндустриски производи се во различна фаза на развој и пенетрација. Зголемувањето на извозот на агроиндустриски преработки и постепеното редуцирање и елиминирање на дефицитот во размената со странство е остварливо преку подобрување на искористеноста на преработувачките капацитети. На тој начин се заситува домашниот пазар и се наметнува потребата за извозна експанзија.

Економската теорија познава два начина за извозна експанзија: пазарна диверзификација и пазарна концентрација. Пазарна диверзификација е пробив на голем број странски пазари за релативно кратко време. Овој начин на извозна експанзија не е адекватна за нашиот агроиндустриски комплекс од причина што неговиот производствен квантитет не е доволен за да одговори на таквите потреби. Од друга страна пазарна концентрација претставува извозна експанзија на мал број национални пазари, со ограничен обем на производи сегментирани по потрошувачи, со постепено освојување на нови пазари и постепено диверзифицирање на извозните производи. Анализирајќи ги двата начина на извозна експанзија сметам дека за македонскиот агроиндустриски комплекс, на среден рок е прифатлива пазарната концентрација како начин на извозна експанзија.

Во овој момент, целосното спроведување на стратегијата за експанзија на извозот на агроиндустриски производи е попречено од низа објективни пречки:

– постојните односи во меѓународниот трговски систем кои повеќе одат во прилог на развиените земји;

– постоење на протекционистички мерки кај развиените земји за заштита на сопственото земјоделско производство;

– нееластична побарувачка на примарни земјоделски производи;

– флуктуација на цените на земјоделските производи која го попречува инвестирањето и планирањето и

– перцепцијата за ниско и средноразвиените земји само како добавувачи на суровина, а не и како производители на финален производ.

Сите овие пречки во одреден временски дијапазон можат да се заобиколат, но единствено доколку Македонија премине од фазата на извозник на примарни земјоделски производи во фазата на извозник на агропреработки. Овој развоен маневар ќе ја вклучи нашата држава во економската групација на развиени земји што ќе придонесе таа повеќе да биде креатор на одредени заштитни политики во земјоделството, наместо нивни консумент како досега.

Како до извозна стратегија?

Минатата седмица видовме дека е потребен стратегиски пристап во процесот на поттикнување на извозот на агроиндустриски производи. Досегашното искуство покажа дека најголем проблем во Македонија е изборот на извозна стратегија, дефинирање на основните елементи на извозната стратегија (визија, мисија, цели и оперативен план) и нејзиното спроведување. Затоа, во продолжение ќе дадам конкретен предлог за начинот на избор на извозна стратегија и дефинирање на нејзините основни елементи.

Процесот на избор на стратегија за поттикнување на извозот на агроиндустриски производи се состои од десет фази. Прва фаза претставува одредување на визија. Визијата е ,,духовен” водач на стратегијата врз основа на која се темелат сите наредни фази. Во регионални рамки е познато дека македонскиот агроиндустриски комплекс произведува производи со врвен квалитет што претставува сериозна компаративна предност во однос на конкуренцијата. Меѓутоа, овој факт е малку познат во европски и светски рамки. Затоа, визијата на стратегијата за поттикнување на извозот на македонски агроиндустриски производи треба да биде: квалитетниот македонски агроиндустриски производ да биде светски препознатлив бренд како фактор на здравјето и врвната еколошка чистота. Светот да знае дека МАКЕДОНИЈА ДАВА ЗДРАВЈЕ!

Втора фаза е утврдување на мисија. Мисијата го покажува резултатот од остварување на визијата. Дефинирањето на мисијата како експанзија на извозот на агроиндустриски производи и вклучување во меѓународниот пазар со храна само по себе е од стратегиски карактер. Сепак, во процесот на избор на извозна стратегија мора да се оди чекор понапред што значи точно одредување на мисијата која ќе претставува ,,работен акт” за секој производител, институција или друга вклучена страна задолжена за поттикнување на извозот на агроиндустриски производи. Врз темелите на претходно одредената визија, наша мисија треба да биде: експанзија на извозот на здрава и квалитетна македонска храна на светскиот пазар што ќе  придонесе за подобрување на платниот и трговскиот биланс на нашата земја, економски развој и подобрување на животниот стандард на населението кое се занимава или зависи од агроиндустрискиот комплекс.

Трета фаза е анализа на состојбата со извозот на агроиндустриски производи од Македонија. Очекувањата во оваа фаза мора да бидат објективни, т.е. ако покриеноста на целните пазари е мала, нереално е да се очекува дека со извозната стратегија за кратко време ќе се овозможи нејзино драстично зголемување.

Четврта фаза е одредување на основната мерлива цел која ги конкретизира времето, начинот и квантитативните индикатори за реализација на стратегијата. Согласно анализите спроведени во третата фаза, разумна цел на извозната стратегија е: преку мерките на трговската, земјоделската, финансиската и заштитната политика, најдоцна за 5 години да се овозможи константен суфицит во надворешната трговија со агроиндустриски производи, кој во периодот после 10-тата година ќе се зголемува за најмалку 5% годишно. Во ова конкретна цел се запазени трите основни елементи што треба да ја има секоја цел за таа да биде легитимна – квантитативен показател (константен суфицит кој ќе се зголемува за најмалку 5% годишно); време (најдоцна за 5 години и периодот после 10-тата година) и начин (преку мерките на трговската, земјоделската, финансиската и заштитната политика).

Петта фаза е оценка на окружувањето, односно неговото влијание врз потенцијалите за извоз на агроиндустриски производи. Тоа може да биде општо, кое опфаќа четири сегменти: политички, социолошки, културолошки и технолошки и економско кое опфаќа пет сегменти: конкуренција, финансии, широка потрошувачка, работна рака и правна регулатива. Нашето окружување е неизвесно и комплицирано и затоа е потребно да му се посвети поголемо внимание. Секоја мерка на земјите од окружувањето за унапредување на нивниот извоз на агроиндустриски производи треба внимателно да се следи и анализира за евентуално и навремено да се вметнат соодветни контра-мерки во нашата извозна стратегија.

Шестта фаза е анализа на загубата од евентуално непреземање на никакви активности за дефинирање и спроведување на извозна стратегија, т.е. задржување на status quo. Во услови на глобализиран пазар, секоја средно или високоразвиена земја го задоволува домашниот пазар со храна и произведува значителни вишоци кои потоа ги пласира во странство. Непреземањето на никакви стратегиски активности уште повеќе ќе ја отежне позицијата на нашето агроиндустриско производство на светскиот пазар така што некоја посериозна анализа во ова фаза не е потребна, односно status quo воопшто не е опција.

Седма фаза е изработка на SWOT анализа која треба да покаже кои се потенцијалните предности и можности, односно слабости и закани од (не)изборот на одредена извозна стратегија. SWOT анализата се прави за секоја потенцијална извозна стратегија поединечно и дава насока за изборот и адекватноста на извозната стратегија за агроиндустрискиот комплекс.

Осма фаза е избор на извозна стратегија. При изборот на извозна стратегија за агроиндустрискиот комплекс не треба веднаш да се прифаќаат решенијата кои според SWOT анализата изгледаат надмоќно. Таа само дава насоки, додека донесувањето на решение бара испитување на сите правци на дејствување при што треба да се стави акцент на тоа дали одредена извозна стратегија ќе ја исполни мисијата и по која цена. Најдобра извозна стратегија е онаа стратегија која е во склад со ресурсите, целите, мисијата, визијата и пазарните услови. Тоа е онаа извозна стратегија која ќе се избере со консензус на учесниците, а најмногу на претставниците од агроиндустрискиот комплекс. Тоа е единствен начин избраната извозна стратегија да има кредибилитет.

Деветта фаза е спроведување на извозната стратегија. Тоа е процес со кој извозната стратегија преминува во оперативен план со конкретни задачи и термини. Секој оперативен план мора да одговори на четири основни стратегиски прашања: што, зошто, како и до кога? Тоа претпоставува преземање на различни активности, формирање на нови организациски единици и укинување на оние што не се вклопуваат во стратегијата. Овие организациски единици можат да бидат и тимови составени од претставници на агроиндустрискиот сектор, Владата и експерти кои заедно треба да го најдат наједноставниот начин за спроведување на извозната стратегија. Дури и најдобро формулираната извозна стратегија може да биде неуспешна, доколку нејзиното спроведување затаи.

На крај, десетта фаза е оценка и контрола на извозната стратегија. Таа е последна фаза во овој процес и опфаќа набљудување на остварувањето на резултатите и споредување на остварените со очекуваните резултати. Доколку остварените резултати покажат отстапување од целите или незадоволство барем кај еден од учесниците, мора да се преземе акција во насока на исправка на таквото отстапување. Доколку во крајна линија контролата покаже дека избраната извозна стратегија не води кон остварување на поставените мисија и визија, тогаш мора да започне процес на избор на нова извозна стратегија. Се смета дека оптимално време за планирање и развој на една извозна стратегија е 3-5 години.

Успешноста на стратегијата зависи од правилно водење на фазите на процесот и од сериозност во пристапот кон анализите. Притоа, површината на Македонија никако не смее да се смета за хендикеп, туку напротив за предност која овозможува полесна реализација на процесот на избор и спроведување на извозната стратегија. Пример за ова е Холандија која иако по површина е само двапати поголема од Македонија, односно зафаќа само 0,008% од површината на земјината топка е трет светски извозник на земјоделски производи по САД и Франција.

Потреба од стратегиски пристап во извозот на агроиндустриски производи

Крајот на ХХ век претставуваше почеток на нова ера во развојот на човештвото – ера на глобализација. Глобализација е процес на интегрирање на националните стопански системи во една светска целина. Тие системи, иако интегрирани и понатаму продолжуваат да функционираат релативно независно, но сега како матрично поврзани делови на светскиот економски систем. Бројот на интегрирани системи во светот е варијабилен. Некои од нив (ЕУ, НАФТА) се интегрираат и како такви се трудат да имаат што подобра позиција во светската економија. Други (СССР, СФРЈ), се дезинтегрираат и како микро-системи го бараат своето место во светското стопанство, додека трети (ДНР Кореја, Куба, Зимбабве) остануваат изолирани, вон светскиот економски систем.

По распадот на стопанскиот систем на СФРЈ, Македонија мораше да ги ревидира своите стопански систем и економска политика. Од клучно значење беше воспоставувањето на отворен надворешнотрговски систем како единствен начин за остварување на развојните цели. Во рамките на тој систем требаше да се најде соодветно место и за агроиндустрискиот комплекс како еден од најекспонираните сектори во стопанството. Овој сектор во Македонија произведува значајни пазарни вишоци кои ограничениот домашен пазар не е во состојба да ги апсорбира. Поради тоа се наметнува потребата од нивен извоз кој ќе овозможи стекнување на значаен девизен прилив. Меѓутоа, извозот на агроиндустриски производи во изминатиот период многу повеќе беше плод на стихијност, добра волја на одредени структури и натчовечки напори на производителите, преработувачите и трговците, отколку на некој организиран настап на странските пазари. Македонија е мала земја и со своето агроиндустриско производство не претставува сериозен учесник на светскиот пазар. Стихијноста придонесува нашиот извоз да биде занемарлив и непрепознатлив, а ефектите кои се алоцираат само кај одреден сегмент на учесници да бидат мали и незадоволувачки. Примената на соодветна извозна стратегија треба да ја зголеми способноста на државата за превенција на проблемите во агрокомплексот и да ја зголеми мотивацијата на сите учесници почнувајќи од земјоделците, па сè до крајните потрошувачи.

Дефинирањето на извозна стратегија мора да биде резултат на национален консензус. Искуствата од развиените земји покажуваат дека остварување на основните цели е возможно само преку соодветни извозни стратегии. Стратегијата претставува свест, гаранција за развој, стабилност, посигурна иднина, додека стихијата носи несигурност, стагнација, краткорочна добивка и долгорочни проблеми. Стихијата предизвикува непостојаност на пазарите, цените, квалитетот, квантитетот и нефер односи на пазарот. Правилното поставување на стратегијата создадава предуслови за поефикасно вклучување во светската трговија со агроиндустриски производи. Од друга страна, стихијата создава постојана тензија на релација: примарни производители – преработувачи и трговци – странски партнери – држава. Првите се незадоволни од откупните цени и уцените од страна на откупувачите, вторите од квалитетот на примарните производи и непостојаноста на финансискиот тек, третите од непостојаните количества и нередовност на доставата, а државата од негативниот трговски и платен биланс.

Непостоењето на соодветна извозна стратегија предизвика појава на низа ограничувачки фактори кои придонесуваат агрокомплексот во нашата земја да се најде во многу незавидна позиција. Тие ограничувачки фактори се:

-неповолна структура на агроиндустриското производство, втемелено на трудоинтензивност и без минимални развојни техничко-технолошки истражувања;

неадекватни и неконзистентни мерки на земјоделската, трговската и заштитната политика;

неискористување на современите транспортни можности што е од клучна важност при транспортот на чувствителни производи како што се земјоделските;

длабок расчекор помеѓу апсорпциските можности на домашниот пазар и изградените капацитети и потенцијали на агроиндустрискиот сектор;

критична зависност од увоз на важни влезни суровини и репроматеријали (нафта, вештачко ѓубриво, агрохемиски препарати, семенски и расаден материјал, земјоделска механизација и слично);

нерамнотежа на надворешнотрговската размена со агроиндустриски производи и појава на дефицит во платниот и трговскиот биланс;

низок обем и динамика на извозот на агроиндустриски производи без стабилен тренд и можност за дејствување како движечка сила на економскиот растеж и модернизација;

концентрирана регионална насоченост на извозот со тесен круг на стратегиски партнери и нестабилна побарувачка;

неадекватна и тесна извозна стоковна структура;

техничко-технолошка застареност на производствените, образовните и инфраструктурните капацитети;

мал интерес на имателите на финансиски средства (банки, донатори, држава) за обемно и континуирано финансирање на агроиндустрискиот комплекс, неопходно за подобрување на неговата извозна конкурентност.

Поради тоа неопходен е стратегиски пристап во процесот на поттикнување на извозот на агроиндустриски производи, посебно при неговото финансирање. Стратегискиот пристап дава можност за надминување на проблемите кои ги создава стихијата.

Во изминатиов период надлежните македонски институции не успеаја да развијат конзистентна извозна стратегија за агроиндустрискиот комплекс во која преку национален оперативен план ќе се дефинираат стратегиските извозни потсектори. Иако досега беа изработени неколку стратегии: Стратегија за извоз на Република Македонија изработена од МАНУ во 1999 г.; две Стратегии за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството во 1996 г. и 2002 г. изработени од МЗШВ; Стратегија за прилагодување на прехранбениот сектор за извоз, изработена од Факултетот за земјоделски науки и храна и најновата Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2007-2013 г., изработена од страна на МЗШВ, впечаток е дека сите тие многу повеќе се ориентирани на производствениот, отколку на извозниот аспект на агроиндустријата и нејзиното финансирање. Убеден сум дека Македонија може да биде успешен извозник на прехранбени производи, но досега не е направена посериозна анализа на државно ниво за тоа како да се зголеми извозот, кои се конкурентските предности и како да се подобри конкурентноста на извозните компании од овој сектор. Ретките блесоци на извозни успеси на компаниите од прехранбениот сектор не се должат на осмислена стратегија и политика, туку пред сè на способноста на менаџментот и конкурентскиот притисок за опстанок.

Зошто агроиндустриски комплекс?

Земјоделството е единствена стопанска гранка која го издигнува трудот како доблест. Тоа, како најблагородна човечка вештина која ја крие тајната на почетокот и крајот на животниот циклус е спомнато и во Светото писмо според кое синовите на првите луѓе Адам и Ева биле земјоделци; Каин – поледелец, а Авел – сточар. Земјоделството директно ја обезбедува храната како единствен извор на човечката егзистенција. Правото на храна е елементарно човечко право, заштитено во меѓународното право со Универзалната декларација за човечки права од 1948 г. Како една од гранките на националната економија, земјоделството има клучна улога за исхрана на населението, намалување на сиромаштијата, а овозможува и масовно вработување, пред сè на руралното население. Примарното земјоделство во комбинација со агроиндустријата го сочинуваат агроиндустрискиот комплекс, сектор од посебно значење за секоја држава.

Од денешна перспектива се поставува прашањето: Каква е улогата на македонскиот агроиндустриски комплекс во производството на храна за нашето население и пазарни вишоци наменети за извоз? „Каменита е Македонија, голи се нејзините варовити ридишта, но таа има долини и котлини кои по својата плодородност и по разнообразноста на културите им нема рамни. Долините на котлините раѓаат пченица, афион, сусам, ориз, лен, коноп, памук, а ридиштата даваат грозје, тутун, маслини и овошја. Благодатната клима на Македонија ги чини дури и високите падини на планините погодни да раѓаат жито и грозје чиешто вино уште од времето на Крале Марко толку скапо се цени. А тутунот на тие голи варовити ридишта се цени по целиот свет поради неговиот пријатен аромат.” Во овие неколку реченици на нашиот научник и револуционер од почетокот на ХХ век, Никола Пушкаров се претставени прекрасните природни, почвени и климатски карактеристики на нашата земја кои се основен предуслов за развој на земјоделството.

Македонија може да се пофали со квалитетни агроиндустриски производи. Впрочем, поголем дел од странските туристи на прашањето: што најмногу ќе им остане во сеќавање од престојот во Македонија? –  одговараат дека тоа е преубавата храна и богатството на вкусови. Меѓутоа, неорганизираноста на нивниот пласман и недостатокот на финансиски средства придонесува овој квалитет да остане релативно непознат во пошироки светски рамки. Факт е дека Македонија има потенцијал за исхрана не само на сопственото население, туку и за соодветно учество во меѓународниот промет со прехранбени производи, ако не со квантитет тогаш сигурно со квалитет. Реализацијата на овој потенцијал е остварлива само со подобрување на извозната конкурентност и поттикнување на извозната ориентација на агроиндустрискиот комплекс.

Овие активности не можат да се преземат без сериозен обем на финансиски средства. Финансирањето на извозното производство е од извонредно значење како за агроиндустрискиот комплекс, така и за економијата во целина. Ако за Џон Д. Рокфелер (John D. Rockefeller), парите го вртат светот, нивниот недостаток при реализација на идеите предизвикува истите да изгубат на актуелност, а извозната конкурентност да стагнира. Влезот на дополнителен, свеж капитал е најсилен импулс за развој на агроиндустрискиот комплекс. Поради ниската акумулативна и репродуктивна способност и нискиот коефициент на обрт на финансиски средства во земјоделското производство, само мал дел од капиталот може да се обезбеди од сопствени извори, додека поголемиот дел се обезбедува од прилив на странски директни инвестиции, кредити или други начини за стекнување на екстра капитал како лизинг, емисија на хартии од вредност, инвестициски фондови итн.

За жал, финансирањето на агроиндустрискиот комплекс во Македонија е доста ограничено. Тоа предизвикува незадоволително искористување на неговиот извозен потенцијал. Изнаоѓањето на дополнителни средства е прилично запоставено како од државата, така и од производителите како носители на производствениот процес и извозните активности. Во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за периодот 2006-2012 г. многу повеќе е ставен акцент на примарното земјоделско производство, додека поддршката на агроиндустријата е ставена во втор план. Финансиската програма дава одреден импулс за извозна конкурентност на примарните земјоделски производи која во крајна линија се прелева (spill over) врз преработувачката индустрија, меѓутоа поголемата апсорпциска моќ за финансиски средства на агроиндустријата е занемарена. Практично, во светот има море од пари, а наша задача е да го следиме текот на парите за да дојдеме до изворот – Ли Ајакока (Lee Iacocca).

Почеток

„ Во почеток беше Словото и Словото беше во Бога и Словото беше Бог“

Ев. по Јован 1.1

Почетокот (beginning, debut, начало, من البداية, 从开始, principio, inizio, inicio) како и секој почеток е тежок. Тешки се и денешните времиња; економски кризи, еродиран морал, двојни стандарди, материјализам, страв… За жал, од ова не е поштедена и нашата мила Македонија. Затоа, драги мои читатели во овој мој блог решив да „словам и глаголам“ за „македонцките работи“, со посебен акцент на моите две љубови – економијата и историјата. Се надевам дека секој од вас ќе најде некоја тема од интерес која ќе ве заинтригира да ја прочитате и коментирате. Ако вие ми дадете само 15 минути од вашето ценето време читајќи или коментирајќи одредено „писание“, јас ви ветувам дека ќе ви дадам четврт час незаборав и интелектуална продуховеност. Да излеземе од медиокритетството и да направиме нешто добро за нас, нашите најблиски, нашата држава и нашиот народ!

Се читаме!